Со двоцифрен раст на премија од 30%, и зголемување на добивката од 12%, Кроациа осигурување – Живот а.д. Скопје ја потврди својата лидерска позиција на пазарот на животно осигурување во Република Македонија, како во бруто полисирана премија, така и во бројот на продадени полиси.
Годишното Собрание на акционери на Друштвото ги утврди финансиските извештаји за работа на Друштвото и ја подржа одлуката за припис на дополнителна осигурена сума кон договорите за осигурување на живот, а врз основа на остварениот раст во финансискиот резултат, високата профитабилност и порастот на бруто профитната маржа.
“Гледано од перспективите за развој на Друштвото, можам со задоволство да констатирам дека 2013 година ќе ја одбележиме како успешна деловна година, мерено по клучните показатели на работење, остварениот поставен план за работа и финансискиот резултат. Со двоцифрени стапки на пораст на приходите од осигурување и добивката, Друштвото во 2013 година оствари највисока забележана продуктивност по вработен во споредба со изминатите години од работењето. Будно ги пратиме промените на пазарот и континуирано вложуваме во секој сегмент од работењето сакајќи да постигнеме задоволство кај нашите осигуреници, бидејќи сме свесни за обврските кои ги имаме како лидер во осигурувањето”, вели Вилма Учета Дузлевска, Главен Извршен Директор на Кроациа осигурување – Живот АД Скопје.
Кроациа осигурување – Живот АД Скопје во 2013 година отвори 3 нови подружници во градовите Куманово, Кавадарци и Битола, а со цел реализирање на долгорочната стратешка цел на Друштвото за развој на мрежа низ цела Макадонија, како и достапност на сите граѓани. Крајот на 2013 година беше одбележан со потпишување на стратешки договор за деловна соработка со Стопанска Банка а.д. Скопје.
“ Секојдневно работиме на остварување на нашата долгорочна стратегија, се трудиме да бидеме пример во осигурителниот сектор, а дополнително вложуваме во градење на компанија која ќе биде синоним за успешност и професионализам. Нашиот ентузијазм продолжува и понатаму, а очекувањата за 2014 година се уште поголеми” – додаде Вилма Учета Дузлевска, Главен Извршен Директор на Кроациа осигурување – Живот АД Скопје.