Искуствата покажуваат дека земјите кои имаат развиен финансиски сектор уживаат побрз и постабилен долгорочен развој, додека пак осигурувањето претставува едно од најважните карактеристики за економскиот раст на една национална економија.
Развиен национален пазар за осигурување и реосигурување е суштинска карактеристика за економски раст, бидејќи осигурителните компании се меѓу најголемите работодавци, инвеститори и даночни обврзници во светот.
Секторот за осигурување не само што превзема ризици и штети, туку допринесува до развој на целокупното стопанство преку мобилизирање на заштеди, олеснување на трговијата, алокација на капиталот, намалување на невработеноста итн.
Со брзиот развој на пазарното општество, се развива и свеста за потребата за планирано штедење. Животното осигурување игра важна улога за развој на финансискиот сектор и општо на целата економија, бидејќи обезбедува две многу важни финансиски услуги за индивидуите, но и за целата економијата.
Најпрво, животното осигурување претставува извор на долгорочно штедење преку кое може да се инвестира во проекти од јавниот и приватниот сектор при што најчесто тоа инвестирање се врши преку пазарот на капитал и на тој начин животното осигурување придонесува за развој на пазарот на капитал и за раст на бруто домашниот производ.
Понатаму, индивидуите соочувајќи се со растечка урбанизација, мобилност на населението и формализација на економските односи помеѓу нив, животното осигурување доби зголемена важност како начин кој ќе им овозможи на нив и на нивните семејства да управуваат со ризикот на доход.
Прв фактор кој влијае на побарувачката на животно осигурување се наведува потребата на осигуреникот да обезбеди средства за лицата кои зависат од неговиот доход (брачен партнер деца и слично), во случај на негова смрт и да обезбеди доход во случај на негово пензионирање. Имајќи предвид дека Македонија значително заостанува во развојот на животното осигурување во однос на западноевропските земји, па и на земјите во опкружувањето, еден од приоритетите е да се влијае за менување на културолошкиот пристап на граѓаните кон штедењето и подигнување на свеста за потребата од животно осигурување.
Степенот на густина или премијата за животно осигрување по глава на жител во Р. Македонија изнесува 5 евра. Статистичките податоци, земјаќи ги во предвид активните договори за осигурување на живот кои се регистрирани, говорат дека само 2% од населението во Р. Македонија има полиса за животно осигурување.
Изминатите неколку години пазарот за животно осигурување во Република Македонија рапидно се развива и се зголемува. Премијата за животно осигурување континуирано бележи двоцифрени стапки на раст.
Перманентниот раст на премијата во животно осигурување зборува дека Македонија е вистинско место за развој на животното осигурување и дека македонскиот граѓанин се повеќе ја согледува корисноста на полисата за животно осигурување.
Ако се земе во предвид дека домашната економија полека дава сигнали на закрепнување од финансиската и економската криза, тогаш неизбежни се очекувањата за уште поуспешни години и зголемени инвестиции во осигурителниот Сектор.
Поголеми инвестиции во развојот на секторот за осигурување, особено на животното осигурување како придвижувач на целиот пазар, може да придонесе за значителен економски развој на земјата.