Животното осигурување забележува двоцифрени стапки на раст во земјава уште од 2007 година, но само еден отсто од граѓаните во земјава имаат полиса за осигурување на животот. Ваквите податоци покажуваат дека Македонија се уште има неискористен потенцијал за инвестиции во секторот осигурување.
Степенот на густина или премијата за животно осигрување по глава на жител во земјава изнесува 5 евра. Статистичките податоци, земјаќи ги во предвид активните договори за осигурување на живот кои се регистрирани говорат дека само 1% од населението во Р. Македонија има полиса за животно осигурување.
За споредба, учеството на премијата од животното осигурување во вкупната бруто полисирана премија во земјите од регионот се движи околу 20%. Сепак, осигурителните компании оптимистички најавуваат дека животното осигурување е во сериозна офанзива, а тоа го покажува и податокот дека минатата година е забележан 20% раст на БДП по основ на животното осигурување.
“Перманентниот раст на премијата во животното осигурување зборува дека македонскиот граѓанин се повеќе ја согледува корисноста на полисата за животно осигурување. Значаен фактор кој значително влијаеше на развојот на животното осигурување во изминатите години е основањето и поставената регулатива од страна на Агенцијата за супервизија на осигурување која даде правилни насоки и постави добро контролирана регулација која допринесе за сигурност и пораст на довербата во работењето на осгурителните компании“, вели Вилма Учета Дузлевска, генерален директор на Кроациа Осигурување-Живот, компанија која се наметна како лидер на пазарот за животно осигурување.
Потенцијалот на животното осигурување го препознаа многу познати брендови од осигурителниот сектор што во последно време инвестираа во Македонија и на тој начин придонесоа за зголемување на конкуренцијата. Засега во Македонија работат четири компании кои нудат животно осигурување а тоа се Кроациа-Живот, Граве, Винер Лајф и Уника.
За да се зголеми нивото на информираност на населението за придобивките од животното осигурување, некои од осигурителите излегоа со предлог за заеднички настап на четирите осигурителни компании во земјава кои нудат ваков вид осигурување. Дополнителна мерка за стимулирање, според осигурителите е државата да го ослободи од персонален данок животното осигурување.
Што е животно осигурување?
Животното осигурување значи и осигурување на животот но и заштеда. Доколку настане некој од ризиците кои ги покрива, корисникот на осигурувањето ја добива целата осигурана сума заедно со пропишаната добивка. Во спротивно, осигуреникот ги добива сите средства кои ги вложил, плус камата. Премијата, која се движи од 180 до 250 евра годишно, осигуреникот може да ја плати еднократно или пак на месечни, квартални полугодишни или годишни рати.
Сертифицираност на осигурителните компании –доказ за квалитетна услуга
Кроациа Осигурување - Живот има повеќе од 54% од вкупно продадените полиси за животно осигурување, а само во првиот квартал од годинава имаат пазарен удел од 46% во поглед на полисираната премија на животното осигурување. Компанијата објави дека добила меѓународно признат сертификат за квалитет, со што станала прва осигурителна компанија која е ИСО сертифицирана.
“Со имплементација на овој стандард ќе се зголеми квалитетот и ефикасноста на услугата кон нашите корисници, ќе допринесеме за јакнење на довербата кај постоечките и потенцијалните корисници и преку тоа значајно ќе го зголемиме нивното задоволство од услугите кои ги нудиме“, додава Дузлевска.