Г-ѓа Вилма Учета - Дузлевска, колку години сте на позицијата генерален директор во Кроациа Осигурување - Живот и какви се Вашите искуства и согледувања во областа во која работите од досегашната Ваша практика?
УЧЕТА-ДУЗЛЕВСКА: Веќе втора година по ред ја извршувам главната извршна функција во Кроациа Осигурување – Живот, а по повеќегодишно искуство во дејноста осигурување. Кроациа е брендот каде за првпат се запознав со основите на овој бизнис. И по изминати повеќе години, тоа е брендот кој засигурно ја заслужува мојата, но и лојалноста на целиот тим кој го водам. Мојот денешен ангажман е само логичен настан во низата поминати расплети кои ги имаше Компанијата, но кои секогаш резултираа со исправни одлуки. Доказ за тоа се резултатите кои Компанијата ги остварува континуирано.
Кога би направила паралела со состојбите во дејноста осигурување пред неколку години и денеска, радува фактот што секторот стабилно се развива. Либерализацијата на пазарот донесе нови брендови, а со тоа и зголемена понуда адаптирана на потребите на нашите граѓани. Дополнително, неизбежен и клучен фактор кој придонесува кон развој на секторот е поставената регулатива од страна на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Кроациа Осигурување – Живот е прва осигурителна компанија со добиена лиценца во Р Македонија, но и денес е на водечка позиција во оваа област на работење. На што се се должи тоа?
УЧЕТА-ДУЗЛЕВСКА: Пазарот на животно осигурување во Р Македонија официјално започнува да се развива во 2005 година, со основањето на првата Компанија за осигурување на живот во земјава – Кроациа Осигурување – Живот. Во период од седум години бележиме континуиран развој и перманентен пораст на премијата за животно осигурување. Трудот кој го вложуваме да го заземеме доминантниот удел на пазарот и притоа да понудиме квалитетни осигурителни производи и услуги адаптирани на потребите на клиентот резултираше со добри резултати.
Дури 57% од вкупните продадени полиси за животно осигурување во 2012 година се издадени од Кроациа Осигурување – Живот, што јасно говори дека македонските граѓани во Компанијата препознаваат стратешки партнер во донесувањето на одлуката за долгорошно штедење и сигурност. Според прелиминарните податоци, 2012 година Компанијата ќе ја заврши со пораст на премијата од осигурување од 21% додека добивката пред оданочување забележува раст од 47% во споредба со 2011 година и најголем дел од истата ќе се препише на нашите Осигуреници како можност која е предвидена во нашите Договори за осигурување, а која Кроациа Осигурување – Живот ја спроведува веќе петта година по ред.
Компанијата во 2012 година успеа да го зголеми и својот пазарен удел на 45% иако на пазарот животно осигурување нудат четири компании, еднакво добри европски брендови како и нашиот. Но, она што не издвои од останатите, а македонските граѓани го препознаа е вистинската посветеност кон осигурениците, највисока гарантирана исплата, лидер во иновативноста на осигурителниот пазар и квалитетен и праведен систем на решавање на штети.
Едно од најинтересните и најпоставуваните прашања се за животното осигурување. Објанете ни го подетално овој вид на осигурување?
УЧЕТА-ДУЗЛЕВСКА: Полисата за животното осигурување е уникатен финансиски производ кој нуди двојна поволност: истовремено осигурување и заштеда. Доколку настане некој од ризиците кои ги покрива, корисникот на осигурувањето ја добива целата осигурена сума заедно со дотогаш припишаната добивка. Доколку не настане осигурен случај, осигуреникот ги добива сите средства кои ги вложил зголемени за вкалкулираната камата која е моментално поголема од каматната стапка на девизните депозити во банките, но и зголемени за дивидендата, односно добивката која ја припишуваме секоја година. Имајќи предвид дека воспоставениот пензиски систем е неодржлив на долг рок, полисата за животно осигурување е вистински одговор во што треба да се штеди за мирна старост: како клучни конкуренти на полисата за животно осигурување се наметнуваат вложувањето во банки, инвестициски фондови и пазарот на капитал. Сепак, вистинското конкурентно опкружување за овој производ не е развиено, бидејќи речиси и да не постои друг производ кој овозможува долгорочно и пензиско штедење, притоа покривајќи ризици од појава на болест или несреќен случај.
Какви видови осигурување и полиси им нудите на Вашите клиенти и колкави се премиите од осигурувањата?
УЧЕТА-ДУЗЛЕВСКА: Нашата понуда на производи е, пред сè, адаптирана на условите на македонскиот осигурителен пазар и преференциите на граѓаните. Во најголем дел тоа се производи кои ги нуди нашата матична куќа Croatia Osiguranje d.d. Загреб, но прилагодени на потребите на македонските граѓани. Покрај ценовната прифатливост, која ја воведовме како одговор на намалената економска активност на целокупната светска економија, па и на македонското стопанство, будно го следиме пазарот, очекувањата и потребите и адекватно одговараме со разновидна понуда на производи.
Веруваме дека класичното животно осигурување секогаш ќе го има водечкото место во нашето портфолио, иако постојано работиме на унапредување на понудата и прибижување до преференциите на клиентите и потребите на пазарот. Основа во нашата стратегија за освојување на пазарот е иновацијата, при што секоја година понудуваме нов производ.
Во 2013 година планираме да воведеме 2 (два) нови производи, Ризико плус и Гарант. Дополнителна новина која ќе ја воведеме е и новиот Cro link, линкуван производ кој ќе ги спои бенефициите на нашата компанија и банка. Станува збор за производ кој досега не ѝ е познат на нашата, но и на пошироката регионална јавност. Сепак, цврсто веруваме дека со него ќе понудиме новитет кој значително ќе влијае на порастот на премијата за животно осигиурување, бидејќи пред сè, е креиреан да ги задоволи потребите на секој наш граѓанин, а притоа да не се загрозат неговите финансиски можности.
Каков е потенцијалот на македонскиот пазар и какви се Вашите очекувања?
УЧЕТА-ДУЗЛЕВСКА: Развојот на животното осигурување во Република Македонија е во фаза на реален подем. При согледување на причините за ваква појава, сигурно дека најголем дел треба да ги побараме во недоволната искористеност на потенцијалот за развој на животното осигурување на македонскиот пазар во изминатите години. Клучни фактори за развој претставуваат и зголемената понуда на производи преку новите субјекти на пазарот на животно осигурување. Иако веќе петта година по ред животното осигурување расте со двоцифрени стапки, учеството во вкупната осигурителна премија е сè уште под 8% што претставува објективен показател дека најголем дел од пазарот е сè уште неискористен.
Се развива ли свеста кај граѓаните за потребата од животно осигурување и која е Вашата стратегија за освојување на поголем удел на пазарот?
УЧЕТА-ДУЗЛЕВСКА: Имајќи предвид дека Македонија значително заостанува во развојот на животното осигурување во однос на западноевропските земји, па и на земјите во опкружувањето, еден од приоритетите е да влијаеме за менување на културолошкиот пристап на граѓаните кон штедењето. Потенцијал за развој на животното осигурување на домашниот пазар дава и анализата на пензискиот систем, која укажува на недостатоци на системот темелен на меѓугенерациска солидарност. Од аспект на демографските промени и нужност за лична заштеда за пензиските денови, полисата за животно осигурување се наметнува како клучен финансиски производ кој секој би требало да го има. Перманентниот раст на премијата во животно осигурување зборува дека македонскиот граѓанин сè повеќе ја согледува корисноста на полисата за животно осигурување.
Дали граѓаните на Македонија и покрај финансиската криза се одлучуваат за животно осигурување, односно колкава е нивната финансиска моќ за вложувања?
УЧЕТА-ДУЗЛЕВСКА: Нашата практика покажува дека во услови на економска криза и рецесија македонските граѓани сè повеќе склони кон штедење. Всушност, ваквите услови наметнуваат граѓаните да размислуваат своите средства да ги вложуваат во сигурни инвестиции и сигурни облици на штедење. Сè повеќе граѓани го препознаваат животното осигурување како принуден облик на штедење кое им гарантира сигурна заштеда.
Секако дека на развојот на животно осигурување во голема мера влијаат макроекономските показатели, од кои посебно би ги издвоила доходот по жител, стапка на раст на БДП, стапката на невработеност и даночната политика. Но, еден од од клучните фактори е секако сваста на граѓаните за потребата од штедење и довербата која ја имаат во институционалниот систем.
Како ја оценувате состојбата на осигурителниот пазар за животно осигурување во споредба со европските земји и земјите од регионот ?
УЧЕТА-ДУЗЛЕВСКА: Животното осигурување е придвижувач на целиот осигурителен пазар. Со заздравувањето на макроекономските показатели, животните осигурувања би требало да ја превземат водечката позиција во вкупната премија од осигурувањето. Република Македонија е на самиот праг на развојот на животното осигурување. Двоцифрените стапки на раст, забележани изминатите години се показател дека најголем дел од пазарот сè уште е неискористен. Токму неразвиеноста на овој сегмент на осигурителниот пазар нè амортизираше од штетните кризни влијанија врз работењето. За разлика од нас и дел од останатите земји во регионот, каде што животното осигурување го следи тренд на пораст соодветен на искуствата од брзорастечките пазари, Р Хрватска по десетгодишен период на брз развој на животното осигурување со просечна стапка на раст од 17% годишно, измиматите неколку години бележи пад. Падот на европскиот пазар на животно осигурување е речиси трипати поголем во споредба со светските размери.
Како може да се стане дел од успешниот тим на Кроациа Осигурување – Живот?
УЧЕТА-ДУЗЛЕВСКА: Кроациа Осигурување – Живот е Компанија која пред себе има поставено амбициозни цели за чие остварување има потреба од креативно ориентирани, високо мотивиран и квалификуван кадар, кој со ентузијазам и висока ангажираност ќе ги спроведува и реализира нашите поставени стратешки цели. Јакнењето и развојот на продажната мрежа е една од стратешките определби на Кроациа Осигурување – Живот, бидејќи сме свесни дека амбициозноста на нашата продажна мрежа е континуирана движечка сила и она што постојано нé одржува на врвот. Во нашиот тим има место за сите оние кои се подготвени да соработуваат во корпоративно единство и се продажно ориентирани. Еве, во оваа прилика ги охрабрувам да нè контактираат.