Croatia osiguranje

Интервју со Владимир Поповски, Генерален Директор во Кроациа Осигурување - Живот

Објавено на: 22/09/2011

Одлични резултати и покрај рецесијата.

Деловната  2009 година беше многу успешна за  „Кроациа Осигурување – Живот“. Компанијата   одбележи  зголемување на вкупната осигурителна премија и значителен пораст на бројот на нови Осигуреници, но и квалитетен приход од вложувања на средствата од капиталот, резервите и техничката премија. Во 2009 година Кроациа Осигурување – Живот оствари вкупна пресметана премија во износ 1.854.431 евра што претставува раст од 26% во однос на истиот период минатата година, додека вкупната нова продукција донесе пораст од 29% на бројот на осигурени лица во однос на 2008 година.  За работењето на компанијата во изминатата година и резултатите од овогодишниот прв квартал, како и за понатамошните планови, разговаравме со извршниот директор Владимир Поповски.


Како ги оценувате резултатите кои ги забележавте во 2009 година?

Минимизирање на влијанието на светската економска криза врз работењето на Друштвото беше главна задача на менаџментот и вработените во Друштвото во 2009 година, а таа задача остана приоритет и во 2010 година. Во 2009 година нашите напори беа насочени кон Осигурениците, како постоечките така и идните. Создадовме услови за ценовно прифатливи производи со цел задоволување на потребите на нашите клиенти. Иновацијата, развојот на интерната продажна мрежа и будно следење на потребите на пазарот се клучни елементи во нашата деловна стратегија која не пратеше во деловната 2009 година, но со јасна определба за нејзино продолжување и во идниот развој на Компанијата. . Веќе во првиот квартал од 2010 година, и покрај рецесивните состојби во стопанството во Македонија, успеавме да забележиме одличен резултат, раст на премијата од осигурување од 29% во однос на истиот период минатата година. Пазарното учество за помалку од една година го зголемивме за 10% и истото сега изнесува 44,3%. Ваквиот резултат изминатата и оваа година е производ, пред се, на продажно ориентирана стратегија на Компанијата, иноватовноста во работењето и одличната нова организациона структура.
Приходите од продажба на животни осигурување учествуваат со 78% во вкупно остварените приходи на Компанијата. Значен удел имаат и приходите од менаџирање со средствата од капиталот и техничките резерви, каде врз основа на новата стратегија на динамични но сигурни вложување во најреномирани банки и исклучително во сигурни пласмани успеавме да обезбедиме квалитетен приход, дури и во првиот квартал од 2010 година кога финансискиот сектор го одбележува драстично намалување на каматите на пласманите.
Вкупните приходи остварени во 2009 година се 25% повисоки од приходите остварени во 2008 година, а ваков тренд забележуваме и во првиот квартал од 2010 година. Сублимирајќи ги приходните и расходните ставки, конечниот резултат во 2009 година е забележан како најдобар од постоењето на Компанијата, со пораст на добивката од 65% во однос на 2008 година.

Дали и оваа година ги задржавте сите позитивни трендови?

Трендот на пораст на добивката го задржавме и во првиот квартал од 2010 година: 1124% пораст споредбено со првиот квартал минатата година, додека бруто профитната маржа е зголемена за високи 900%.
Ваквиот конечен финансиски резултат е производ на зголемување на приходните по двата основа, од осигурување и вложување, но и на намалување на сите расходните ставки кои го теретат Билансот на успех: Во 2009 година превземавме низа мерки за операционализирање на сите трошоци од работењето, посебно на општо административните трошоци, при што Компанијата ја зголеми ефикасноста во работењето нo и продуктивноста на вработените. Резулатат на ваквата стратегија беше и зголемување на остварената добивка по вработен.

Можете ли да кажете нешто повеќе за Важите производи. Кои производи ги сметате за пресудни за ваквиот успех на Компанијата, и планирате ли нови производи?

Нашата понуда на производи е, пред се, адаптирана на условите на македонскиот осигурителен пазар и преференциите на граѓаните. Во најголем дел тоа се производи кои ги нуди нашата матична куќа, Croatia Osiguranje d.d. Загреб но прилагодени на потребите на македонските граѓани. Освен ценовната прифатливост, која ја воведовме минатата година како одговор на намалената економска активност на целокупната светска економија, па и на македонското стопанство, будно го следиме пазарот, очекувањата и потребите и адекватно одговараме со разновидна понуда на производи. Основа во нашата стратегија за освојување на пазарот е иновацијата, при што секоја година понудуваме нов производ. Најзастапено и најпобарувано во нашата понуда е Индивидуалното осигурување на живот. Во производното портфолио нудиме и Детско штедно осигурување, за кое оваа година планираме посебен промотивен проект со цел зголемување на неговата продажба. Доста атрактивен за правните лица е т.н. „Пакетот лојалност“ каде на работодавците им се нуди истовремена можност да заштедат и да ги задржат најдобрите вработени во рамките на својата Компанија. Минатата година пласиравме нов производ, Колективно животно осигурување, и можам со сигурност да потврдам дека тоа беше правилна одлука донесена во вистинско време: За македонскиот осигурителен пазар ова е нов производ, за работодавците можност за заштеда додека за Осигурениците можност за дополнителна сигурност.
Оваа, 2010 година, ќе биде година на иновации за Кроациа Осигурување – Живот Скопје: Ќе ја збогатиме понудата на Индивидуалното осигурување на живот со Дополнително осигурување од тешко болна состојба. Покрај ова, имајќи ги во предвид тековните преговори кои ги водиме со реномирани банки за воведување на банко осигурување како нов производ на македонскиот пазар очекуваме дека приматот ќе биде ставен на воведување на Ризико осигурување во нашето портфолио. На македонскиот осигурителен пазар ниту една компанија не нуди банко осигурување. Чекорите кои ги направивме минатата година на ова поле се надевам дека ќе вродат со плод и ќе бидеме пионери во пласирање на овој производ пред македонските граѓани.

На кои возрасни групи им припаѓаат заинтересираните за вашите производи за осигурување на живот?

Во нашето портфолио доминираат Осигуреници во годишна доба помеѓу 35 и 45 години. Пред се, станува збор за активно работно население кое од својот домашен буџет може да одвои дел за животно осигурување. Во нашите секојдневни разговори со потенцијалните Осигуреници животното осигурување го нудиме како реална потреба. Сепак потребно е време, подобри економски услови, овој осигурителен производ да добие на вистинско значење и перцепција кај граѓаните. Перманентниот раст на животното осигурување во вкупно остварената премија од година во година зборува дека Р. Македонија е вистинско место за развој на животното осигурување. Очекувам дека следните пет години ќе бидат клучни во развојот, најголем дел од пазарот е сеуште неискористен кога станува збор за животно осигурување. Доколку ги споредиме Словенија, како пример за највисок степен на развиеност на животно осигурување во регионот и Албанија, како пример за најнизок степен на развиеност на животното осигурување во регионот, можеме да заклучиме дека состојбата во Р. Македонија може илустративно да се спореди како “Затишје пред Бура”.

Економската криза прилично го погоди осигурителниот пазар. Како се одрази кризата врз вашето работење?

Светската економска криза посебно го погоди развиените осигурителни сектори. Како што веќе напоменав, животното осигурување во Македонија е сеуште на низок степен на развој и иако се осети влијанието на кризата врз одредени сегменти од работењето, сепак е далеку побезболно од земјите кои ги карактеризира висок развој на животно осигурување. Во најголем степен кризата во развиените економии ги погоди осигурителните компании по живот според висина на премија и учество во вкупна остварена премија, преку пад на Банко осигурување, падот на еднократните линкувани производи и неможност Осигурениците да ги подмират премиите по полисата за животно осигурување. Имајќи го предвид фактот дека во Македонија сеуште не се нуди банко осигурување ниту пак линкувани производи со инвестициони фондови, нашето работење го погоди единствено намалената финансиска моќ на граѓаните: Минатата и оваа година се соочуваме со повисок процент на сторнирање на полиси, неплаќање, откуп или капитализација, токму како резултат на рецесијата и неможноста редовно да се сервисира премијата за животно осигурување. Како заклучок на ова прашање ќе додадам дека Р. Македонија спаѓа во групата на земји каде неразвиеноста на пазарот на животно осигурување ги „заштити“ од штетните кризни влијанија врз работењето: Иако падот на европскиот пазар на животно осигурување е скоро три пати поголем од падот на светскиот пазар на животно осигурување, земјите од средна и источна Европа, и покрај рецесивната состојба забележуваат раст на премијата за животно осигурување од околу 19%.

Какви се плановите и приоритетите за оваа година?

За мене е најбитно 2010. година да ја завршиме со зголемен вкупен финансиски резултат и да ја одбележиме годината како најуспешна во досегашното работење. Резултатите од првиот квартал ветуваат дека ваквите планови се достижни. При дефинирање на деловната стратегија за 2010 година, на иновациите им дадовме приоритет: Покрај новите производи кои ги најавив, следуваат и проекти кои планираме да донесат поголема продажба. Ќе го најавам проектот„ Дарувајте му на Вашето дете сигурна иднина“ кој веќе во Септември ќе започне со реализација. Освен споменатото, продажните проекти кои ги започнавме во 2009 година продолжуваат и оваа како резултат на бенефитот кој го донесоа.

Како го гледате македонскиот осигурителен пазар за оваа и  идните години?

Осигурителниот пазар на Република Македонија го сочинуваа тринаесет осигурителни компании, од кои две се занимаваат исклучиво со осигурување на живот.  Освен формирање на нова осигурителна компанија, 2009 година е карактеристична затоа што се формираа четири нови осигурителни брокерски друштва и се зголеми бројот на активни осигурителни агенти и брокери. Ова е показател дека осигурителниот пазар во Републиката е сеуште атрактивен за нови инвестиции.
    Неживотното осигурување зазема доминантен дел од вкупното осигурување, тренд што е запазен од минатите години. Во вкупната осигурителна премија во 2009 година во износ од 100.494.132 евра 95,13% е премија остварена во неживотното осигурување. Сепак тренд кој е забележан во 2009 година е намалување на премијата остварена во неживотното осигурување во споредба со 2008 година за 4%, и тоа најголем пад е регистриран во намалување на премијата за осигурување од одговорност од употреба на моторни возила за високи 11% помалку во споредба со 2008 година. Од друга страна пак, осигурувањето на живот бележи зголемување од 13% во споредба со 2008 година. Така учество на животното осигурување во вкупната премија е зголемено од 4,15% на 4,87%. Најголем удел во порастот  на премијата по живот во вкупната полисирана премија за 2009 година има токму нашата Компанија, која 2009 година ја заврши со највисок пораст во пазарното учество, 3,71% поголемо во споредба со 2008 година.
Она што го карактеризира македонскиот осигурителен пазар последните две години е намалување на доминантноста на најголемите осигурителни Компании за неживотно осигурување. Во споредба со 2008 година,  намален е вкупниот удел на првите три компании, од што може да се извлече заклучок дека се зголемува конкуренција на пазарот.
    И покрај тоа што гледано од глобален и од макроекономски аспект 2009 година важеше за година на финансиска криза и економски колапс, сепак за осигурителниот пазар, посебно во сегментот животно осигурување, ова беше релативно успешна година.
    Ако се земе во предвид дека домашната економија полека дава сигнали на закрепнување од финансиската и економската криза, тогаш неизбежни се очекувањата за зголемена конкуренција на осигурителниот пазар. Според буџетски проекции во 2010 година треба да се оствари стапка на раст на БДП од 2%, а толку се очекува да биде и инфлацијата. Овие индикатори со себе повлекуваат и очекувања за зголемени инвестиции во осигурителниот Сектор.
    Позитивни очекувања имам и од зајакнување на регулативите во Секторот осигурување: Минатата година е формирана Агенција за супервизија на осигурување на Р. Македонија. Уште повеќе, за поздравување е новиот Меморандум за соработка потпишан минатиот месец помеѓу Хрватската Агенција за надзор на финансиски услуги (ХАНФА) и Агенција за супервизија на осигурување на Р. Македонија. Очекувањата се дека регулацијата на Секторот осигурување во Р. Македонија ќе допринесе до зголемување на конкуренцијата и странските инвестиции во овој Сектор.

Нешто приватно

Владимир Поповски е роден 1947 година во Скопје. Високото образование го завршува на Економскиот Факултет во Скопје, додека се специјализира во Секретаријатот за надворешни работи во Белград (некогашна Југославија) на смерот Економски и политички систем на членките на ОЕЦД.
Поповски има преку 35 години работен стаж, од кои 33 години во осигурувањето, на раководни позиции. Изминативе 15 години Поповски е на позицијата Генерален Директор, од кои веќе 6-та година по ред во Кроациа Осигурување – Живот Скопје. Зборувајќи за својата работна кариера ќе напомене дека врвот го достигнува токму со ангажманот кој моментално го има: Главен Извршен Директор во Кроациа Осигурување – Живот Скопје чија матична куќа ја карактеризира преку 125 години традиција. За Поповски е вистинска чест доколку еден професионалец добие шанса да води Компанија каква што е  Кроациа Осигурување – Живот Скопје.
Владимир Поповски е сопруг, татко и неодамна дедо. Најголемата среќа ја доживува во кругот на своето семејство, со малата внука. Голема љубов негува кон уметноста: Колекционер е на слики на најпознати автори, и како што самиот вели, уметноста е областа која му ја исполнува душата.