Во првата половина од 2015 година остварен е пораст во сите аспекти на функционирање на осигурителниот сектор. Друштвата за осигурување остварија висока стапка на раст на бруто полисираната премија, заедно со пораст на вкупната актива вклучувајќи ги и финансиските вложувања, како и подобрување на финансискиот резултат, и зголемување на бројот на вработени во сите субјекти што делуваат во осигурителниот сектор.
Вистинското ниво на исполнување на законски утврдениот минимално потребен капитал укажува на тоа дека постои висок степен на стабилност на осигурителниот сектор што претставува гаранција дека друштвата за осигурување имаат доволни финансиски средства да ги сервисираат преземените обврски во делот на исплата на штети.
Со 30 Јуни 2015 година е остварена бруто полисирана премија (БПП) во вкупен износ од 4,31 милијарди денари, што претставува пораст на приходите по 8,36% во однпс на остварените во првата половина од минатата година (3,97 милијарди денари).
Позитивниот тренд е присутен во двата сегменти на осигурувањето, со тоа што во делот на осигурување на живот, продолжува двоцифрената стапка на пораст на приходите и во 2015 година и таа изнесува 19,96%, при што остварената БПП изнесува 461,66 милиони денари. Оваа висока стапка на пораст на осигурувањето на живот е една од највисоките стапки на пораст сопредено со сите земји во Еврoпа.
Во сегментот на осигурување на живот очекуваме дека ќе продолжи динамичкиот двоцифрен раст и во 2015 година. Со поактивното вклучување на банките како алтернативен канал за дистрибуција на овие продукти и нивно поврзување со банкарските продукти претставува еден од предизвиците за развој на осигурувањето на живот. Во моментот, на пазарот на осигурување постојат 3 банки кои делуваат како застапник во осигурување
Друштвата за осигурување на живот остварија добивка во износ од 15,97 милиони денари, и тоа три друштва остварија добивка од 26,35 милиони денари, а едно друштво прикажа загуба во изнпс од 10,38 милиони денари.