Дарија Ивандиќ Видовиќ, Директор за Стратешки развој во Кроациа Осигурување во Загреб, која неодамна ја одбрани својата докторка дисертација на Економскиот факултет во Сплит, на тема: Развој на методолошки рамки за управување со деловната успешност, член во Одборот на Директори на Кроациа Осигурување а.д – Друштво за осигурување на живот, Скопје, во интервју за ФАКТОР зборува за развојот на компанијата и нејзиното ширење во Македонија.
Ивандиќ – Видовиќ вели дека Македонија располага со потенцијали и соодветни кадри кои можат да бидат дел од тимот на Кроациа Осигурување. За тоа кои квалификации треба да ги поседува една личност за да се вработи во нивната компанија, Ивандиќ – Видовиќ додава дека, пред се, треба да се поседува талент, да се биде креативен, флексибилен и иновативен, но и потенцијалните личности да бидат спремни на одредени промени кои се случуваат многу брзо и агресивно како што е моменталната ситуација конкретно и во Кроациа Осигурување каде се чека приватизација на Компанијата.
Деновиве во Охрид одржувавте семинар за вработени во Кроациа Осигурување и за Ваши соработници. Која беше целта на настанот?
Ивандиќ – Видовиќ: Традиционално во Охрид се одржа 5ти по ред јубилеен едукативен семинар за застапници и вработени на Друштвото на тема “Развој, продажба и улога на животното осигурување на македонскиот осигурителен пазар”. Настанот беше од мотивациска природа, а со цел вложување во нашите потенцијали, зголемување на знаењата како и можност за размена на искуствата. Сакавме да им покажеме кој е патот за создавање таленти, односно кој е патот да ние пронајдеме одредени таленти во нашата компанија. Друштвото постојано инвестира во надоградба на стручноста и знаењето на своите вработени и соработници, и во јакнењето и развојот на продажната мрежа. Резултатите се одлични , а ние имаме и одредена програма за пронаоѓање и развој на таленти бидејки овде навистина има потенцијали.
Кој е типичниот профил на луѓе кои работат во Кроациа Осигурување?
Ивандиќ – Видовиќ: Нема типичен профил, туку има различни профили на луѓе. Ние имаме и одредени потенцијали и ги пратиме перфомансите на вработените. Ние ги препознаваме луѓето дали се тие иноватори, креативци, менаџери и потоа ги детектираме нивните квалитети и вложуваме во нив во дополнително образование и едукација.
Кои квалификации треба да ги има една личност за да добие шанса за да работи во вака реномирана осигурителна куќа?
Ивандиќ – Видовиќ: Треба да имаат пред се талент, да бидат креативни, флексибилни, иновативни, да бидат спремни на одредени промени кои се случуваат многу брзо и агресивно како што е моменталната ситуација конкретно и во Кроациа Осигурување каде се чека приватизација. На нас ни требаат луѓе со способности и со знаење и потенцијали кои понатаму ќе се развиваат. Ние таквите луѓе сакаме да ги задржиме во компанијата и да ги унапредиме нивните вештини и знаења. Човечките ресурси се најбитен фактор за развојот на една компанија, а инвестирањето во вработените е сигурен пат кон успехот.
Дали групацијата Кроациа Осигурување работи на полето на т.н Талент менаџмент и што претставува Талент менаџмет?
Ивандиќ – Видовиќ: Нема некоја единствена дефиниција за Талент менаџмент. Разни теоретичари имаат некоја своја дефиниција, но мене најдрага дефиниција ми е вистински човек, во вистинско време на вистинско место. Ние ги развиваме нашите таленти и развиваме широка програма на талент менаџмент во целата групација. Ние и во Македонија имаме свои таленти за кои водиме грижа и интерес како преку развој така и преку соодветни награди.
ЗАДОВОЛСТВО ОД РАБОТАТА ВО МАКЕДОНИЈА
Дали планирате Вашето искуство во делот на човечки ресурси да го пренесете и во Македонија?
Ивандиќ – Видовиќ: Како член на Одборот на Директори во Кроациа Осигурување –Живот а.д.,Скопје, постојано сум на релација Скопје – Загреб. Во одреден дел сум вклучена во развој на интелектуалниот капитал на вработените, како и воведување на стратегија за човечки ресурси во компанијата. Задоволство ми претставува кога гледам како одредени млади талентирани луѓе се развиваат во вистински професионалци со големо стручно знаење.
Каков кадар имате во Кроациа Осигурување – Живот а.д.,Скопје, и дали сте задоволни од менаџментот овде?
Ивандиќ – Видовиќ: Нивните перфомански се одлични и тие постојано растат и се развиваат. Имаме таленти, особено првиот човек на Кроациа Осигурување – Живот, а.д., Скопје, госпоѓа Вилма Учета Дузлевска. Таа е талент кој сакаме да го задржиме во нашата компанија.Таа е лидер кој се докажува со своите резултати и својот начин на работа.
Која е стратегијата на Кроациа Осигурување за Македонија и кои се вашите планови за ширење на Балканот?
Ивандиќ – Видовиќ: Во моментот на тоа не можам да ви одговорам бидејки стартува процесот на приватизација. Во секој случај сакаме експанзија и раст и на пазарот во Македонија. Гледате дека и во неживотните и во животните осигурувања се развиваме и отвараме нови претставништа. Мислиме и на ова подрачје и на опкружувањето околу него. Што ќе донесат новите сопственици ќе видиме.
Кои ви се плановите за развој и дообука на кадарот во Македонија и каква е политиката на Вашата куќа по однос на ова прашање?
Ивандиќ – Видовиќ: Профилот на кадри во Кроациа Осигурување –Живот а.д.,Скопје е добар, имаме многу млади луѓе, кои се вработени и дефинитивно ќе се работи така и да остане, но и ќе се работи со тие кадри. Инвестирањето во човечки ресурси е поисплатливо отколку инвестирањето во било кој друг ресурс.
Какви се плановите за нови вработувања во Македонија?
Ивандиќ – Видовиќ: Кога компанијата се развива добро, апсолутно дека развиваме такви планови. Имаме модели за вработување на нови кадри преку одредена селекција и интервјуа. Имаме одреден процес на селекциски избор, а секако пред се треба да се задоволат одредени критериуми. Тоа се воспоставени принципи кои ги применува целата групација. Резултатите се очигледно позитивни, а исходот е континуираниот раст на оваа компанија.
По што Кроациа Осигурување се разликува од другите вакви осигурителни компании на Балканот и во Европа?
Ивандиќ – Видовиќ: Се разликува по добриот тим кој на некој начин е формиран со доаѓањето на новата Управа. Имаме визија и стратегија, стратешка цел и иницијатива која ја зацртавме и веќе тргнавме во нивна реализација.
ЖИВОТНОТО ОСИГУРУВАЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА Е ВО РАЗВОЈ
Се чини дека овој пазар односно Македонија се уште не функционира доволно силно. Имаат ли Македонците навика животно да се осигураат?
Ивандиќ – Видовиќ: Животното осигурување во Р. Македонија е во развој, и освојувањето на овој пазар иницира потреба од поголеми маркетинг кампањи примарно фокусирани кон пораст на културата на животното осигурување, кои ќе ги пополнат моменталните недостатоци во информираноста на граѓаните. Промена на навиките за штедење и инвестирање во животното осигурување се очекува, но на подолг временски рок.
Секако дека на развојот на животно осигурување во голема мера влијаат макроекономските показатели, од кои посебно би ги издвоила доходот по жител, стапка на раст на БДП, стапката на невработеност и даночната политика.
Која е Вашата порака до граѓаните на Македонија, дали повеќе треба да се осигуруваат и дали треба да ги користат Вашите услуги?
Ивандиќ – Видовиќ: Апсолутно животното осигурување станува нужна потреба, а не луксуз. Полисата за животно осигурување се наметнува како клучен финансиски производ кој секој би требало да го има. Средствата кои ќе се вложат на овој начин се еден вид на заштеда за сигурна иднина, но истовремено се добива и осигурување. Полисата за животно осигурување ве штити од ризици, и од некој непосакуван настан. Затоа мислам дека осигурувањето е вистинска работа за сите граѓани. Она на што треба да влијаеме е промена на културолошкиот пристап на граѓаните кон осигурувањето.
Кроациа Осигурување –Живот а.д.,Скопје го нуди и производот детско штедење. Вложувањето со цел обезбедување на иднина на своите најмили, во време кога има криза, е клучна работа. Едноставно преку таа штедна компонента ќе му осигурувате на Вашето дете понатамошен развој и образование што е позитивно повеќе аспекти, како од личен развој и образовно усовршување така и од социјален акпект за вкупното општество.