ИНТЕРВЈУ: ВИЛМА УЧЕТА ДУЗЛЕВСКА, ГЕНЕРАЛЕН ДИРЕКТОР ВО „КРОАЦИА ОСИГУРУВАЊЕ -ЖИВОТ АД. СКОПЈЕ“.
Животното осигурување е релативно нов инструмент за македонскиот пазар, но зазема значаен удел на поразвиените пазари. Дали Кроација осигурување е задоволна од уделот што го оставрува во Македонија?
Вилма Учета Дузлевска: Кроациа Осигурување – Живот е прва Компанија во Р.М. со добиена лиценца за продажба на полиси за осигурување на живот. Како промотори на овој вид на осигурување, бевме свесни за обврската која ја имаме во градењето на еден нов пристап во развојот на осигурителниот сектор, пред се, пристап кој ќе значи добивање на доверба од македонските граѓани за вложување на своите слободни парични средства во нов инструмент, кој ќе им обезбеди осигурување но и долгорочна заштеда. Денеска, кога ќе погледнеме зад себе, оставаме 9 години во кои напорно работевме токму на развој на високо квалитетна понуда на животно осигурување и создавање на повисок квалитет на услуга. Работевме на создавање на добра основа за препознавање на нов културолошки пристап од страна на нашите граѓани кон незадолжителното осигурување кое значи и долгорочна нивна заштеда. Тоа неминовно резултираше со издвојување на Кроациа Осигурување – Живот како лидер на македонскиот осигурителен пазар во сегментот на животно осигурување. Компанијата од основањето до денес по сите осигурителни стандарди работи солвентно и со висока ликвидност а од година во година забележуваме стабилен раст на приходите и на добивката. Ваквите резултати ни даваат право да бидеме задоволни, но секако дека не треба тука да се застане. Пред нас препознаваме огромна перспектива од аспект на развој на пазарот, закрепнување и развој на економијата но и нашите стратешки планови да бидеме секогаш еден чекор понапред пред останатата понуда која се нуди во Р.Македонија. Ваквиот пристап на секојдневно препознавање на новите потреби на осигурениците и адекватен брз одговор од наша страна секогаш бил и ќе остане главна преокупација на тимот на Кроациа осигурување – Живот.
Каде ги гледате главните пречки, зошто се уште македонските граѓани не можат да го препознаат овој тип на осигурување како мерка, не само за штедење, туку и за обезбедување на една посигурна иднина?
Вилма Учета Дузлевска: Јас не би ја подржала Вашата констатација дека македонските граѓани не го препознаваат животното осигурување како инструмент кој може да им обезбеди посигурна иднина, барем не како генерализиран заклучок. Можеби да ми го поставевте ова прашање пред пет години ќе се сложев со Вашата констатација. Но, денеска имаме друга реалност: Свесноста за животното осигурување е веќе на доволно високо ниво помеѓу нашите сограѓани. Јас повеќе би се фокусирала на правилно информирање на граѓаните за понудата која постои на македонскиот пазар за животно осигурување. И на фактот дека таа понуда сите четири компании кои работат на осигурителниот пазар чија основна дејност е продажба на полиси за осигурување на живот ја имаме одлично прилагодено на финансиските можности на нашите граѓани. Клучно е да се разбие неиздражаното мислење дека животното осигурување е привилегија на поситуираните граѓани. Животото осигурување не е привилегија, туку веќе станува неминовна потреба. Токму затоа, единствен тренд по кој за сигурно ќе ја креираме нашата стратегија за настап на пазарот е дека потребата за животно осигурување постои. И веќе свесно се зборува за неа. Сега е ред на нас осигурителите, како таа потреба да ја направиме склучена полиса за животно осигурување.
Во последните години имаше двоцифрени стапки на раст на осигурувањата, што сепак дава реални изгледи дека пазарот полека ќе се приближува кон развиените пазари. Каква е Вашата проекција за движењата на осигурителниот пазар на подолг рок?
Вилма Учета Дузлевска: Вкупниот осигурителен пазар има стабилена динамика на раст од година во година. Последните три години вкупниот пазар расте помеѓу 2% и 3% каде клучно за растот се токму двоцифрените стапки на пораст на премијата за животно осигурување. Изминатата година растот на животното осигурување изнесуваше 22%, додека учеството во вкупната осигурителна премија изнесува 11%. Само за споредба, овој показател во 2011 година изнесуваше само 5,5%. Ваквата динамика на перманентен раст укажува дека овој сегмент од пазарот има навистина неискористен потенцијал. Очекувам дека животното осигурување во годините пред нас ќе ја завземе својата улога на потпорен столб на целиот осигурителен пазар. На големината и учеството на премијата за животно осигурување во националното стопанство најголемо влијание има стабилноста на макроекономските показатели, пред се стапката на раст на бруто домашниот производ, доходот по жител, стапката на запосленост и даночната политика. Имајќи во предвид дека нашата земја е една од ретките во регионот која покажува стабилност и раст токму на овие показатели очекувањата се дека трендот за развој на овој сегмент од пазарот ќе продолжи и во иднина. Клучно за понатамошен развој на целиот осигурителен пазар е растот на продажбата на незадолжителните осигурувања. И токму затоа од круцијално значење за целиот сектор е да ги позиционираме незадолжителните осигурувања како исплатлива одлука на секое македонско семејство.
Неколку пати пред државните органи инициравте даночни ослободувања за животното осигурување, барем еднакви на оние со третиот доброволен пензиски фонд. Каков е одговорот?
Вилма Учета Дузлевска: Друштвото неколку години наназад има континуирани заложби пред државните органи за иницирање на даночно ослободување во животно осигурување и добивање на еднаков даночен и законски третман со третиот доброволен пензиски столб. Оваа година сите четири компании кои вршиме продажба на осигурување на живот со заеднички настап ги аргументираме нашите барања пред државните органи. Имено, согласно актуелниот Закон за персонален данок на доход постои обврска за пресметување на персоналниот данок на доход во случај кога договорувач е работодавач кој врши осигурување на своите вработени и кој ја плаќа премијата на осигурување, а согласно договорот, на осигурениците им се исплатува и надоместокот за доживување. Кај ваков тип на договори, а согласно одредбите од Законот за персонален данок на доход исплатениот износ како осигурена сума има третман на дополнително примање од работен однос и е предмет на оданочување. На овој начин потенцијалните инвеститори во животното осигурување ја губат мотивацијата да инвестираат во нивните вработени. Покрај персоналниот данок, компаниите кои вршат осигурување на своите вработени, на крајот на годината за износот на платените премии за животно осигурување ќе треба да платат и данок на добивка бидејќи согласно одредбите од Законот за данок на добивка премиите по основ животно осигурување се даночно непризнат трошок во даночниот биланс.
Квалитетна даночна политика е потпора за развој и на животните осигурувања во секоја држава. Граѓаните треба да знаат да штедат за старост, а даночните олеснувања треба да ги поттикнат на таков чекор.
Многумина сметаат дека животното осигурување е алтернатива на пензискиот систем, особено кога ќе се види дека пензискиот систем секоја година во буџетот создава голема дупка. Но, дали може осигурувањето да биде реална сатисфакција за идните пензионери?
Вилма Учета Дузлевска: Неоспорно, мојот одговор е Да. Во услови кога каматните стапки на депозитите се намалуваат, кога фактите говорат дека воспоставениот пензиски систем е неодржлив на долг рок, полисата за животно осигурување е вистински одговор во што треба да се штеди за мирна старост. Токму во услови кога имаме голема акумулација на депозити на физички лица во банките, а соочени со намалување на каматните стапки, ги поттикнувам македонските граѓани да ја согледаат користта и бенефитот кој го нуди полисата за животно осигурување. Во моментов, е дефинитивно најисплатлив облик на штедење и акумулација на слободни парични средства на граѓаните. Секако, примарна е неговата функција на осигурување на живот и заштита на најблиските, семејството, од сите ризици кои ни ги носи динамичниот живот.
Дали сте задоволни од уделот што го имате на пазарот. Водечката позиција што ја завземавте беше предизвик, но знаете како е, кога сте на врвот одговорноста е уште поголема?
Вилма Учета Дузлевска: Задоволството на нашите Осигуреници ни е најмеродавен показател колку сме успешни. Фактот дека од година во година го зголемуваме нашиот пазарен удел, во услови на зголемена конкуренција на пазарот, зборува дека одговорноста на лидерството за нас е двигател, никако медаља која ќе не потсетува на успеси од некое минато време. Денеска, Компанијата има 45% пазарен удел согласно остварена бруто полисирана премија и над 50% од вкупниот број на продадени полиси за животно осигурување во Р. Македонија. Ова јасно говори дека македонските граѓани во Кроациа препознаваат свој долгорочен партнер.
Свесни сме за одговорноста која ја носиме како лидери на пазарот, посебно во услови кога станува збор за млад пазар, со релативно кратка историја. Свесни сме и дека доколку секојдневно не работиме посветено, темелно и иновативно предноста која ја имаме како лидери може лесно да ја изгубиме. Токму затоа секојдневно сме посветени да го унапредиме она што нашите сегашни и потенцијални осигуреници го препознаваат како наш најдобар квалитет, но упорно работиме на препознавање, амортизирање или промена на евентуални можни недостатоци било во нашата понуда, било во пост продажната услуга кон Осигурениците.
Наша визија е да останеме лидер на осигурителниот пазар со квалитетот на производите кои ги нудиме но и со беспрекорна постпродажна услуга, пред се мислам на правично и брзо решавање на пријавените штети.
Впечатокот е дека пазарот за животно осигурување во земјава се уште не е доволно силно развиен. Дали поголемата конкуренција со две нови компании успева да го размрда?
Вилма Учета Дузлевска: Зголемената конкуренција директно влијае на пазарниот удел, цената на производите и активностите на компаниите. Сепак, услов зголемената конкуренција да ги даде позитивните резултати кои се очекуваат од неа е да биде следена со стабилен раст на БДП, стабилност на валутата, даночни олеснувања за животното осигурување и регилираност на пазарот.
За нас како компанија, зголемувањето на конкуренцијата е предизвик, но и поттик да ги потврдиме нашите квалитети. Фактот дека изминатите три години, токму кога имаме и пораст на конкуренцијата, Кроациа има највисок раст на премијата и пазарниот удел од основањето на Компанијата е доволен показател дека сме позиционирани највисоко на листата на Компании на кои македонските граѓани им ја даваат својата доверба за реализација на своите одлуки за долгорочна заштеда и сигурност. Животното осигурување не е одлука за еден ден или година. Тоа е долгорочна стратешка одлука за обезбедување на финансиска сигурност на осигуреникот и неговото семејсво. Погешно е доколку со продажбата на полисата за осигурување престане комуникацијата со осигуреникот. Кога некој ќе одлучи да Ви даде доверба десет или повеќе години треба да знаете како да ја оправдате. Токму тоа ја издвои Кроациа Осигурување – Живот последниве години на пазарот: вистинска посветенсот кон осигурениците и обезбедување на квалитетна пост продажна услуга, лидер во иновативност на осигурителниот пазар и високо професионален и обучен кадар подготвен во секое време да обезбеди соодветна услуга.
Македонските граѓани кои во минатото се соочуваа со различни афери, особено оние со пирамидалните штедилници, претходно со изгубените заштеди во банките од СФРЈ, некогаш со неверица гледаат кон новите финансиски инструменти, сигурен ли е овој систем на животно осигурување што сега се нуди, и сметате ли дека едукацијата во овој момент треба да биде една од стратешките цели на фирмата?
Вилма Учета Дузлевска: Осигурителните компании се дел од финансискиот сектор и како такви се високо регулирани и адекватно контролирани. Агенцијата за супервизија на осигурувањето е регулаторно тело кое е надлежно за работењето на осигурителните компании во земјава. Работењето е уредено врз основа на Закон за супервизија на осигурувањето и низа подзаконски акти. Станува збор за сектор кој веќе ги следи и регулаторните трендови на високо развиените земји, во секој поглед. Најголем дел од премијата која осигурениците ја плаќаат се издвојува на посебни сметки за математичка резервација со која се управува врз основа на законски дозволени лимити за нејзино вложување и дополнително оплодување. Најголем дел од овие средства се вложени во државни хартии од вредност, за кои гарантира Република Македонија.
Следната 2015 година Кроациа Осигурување – Живот ќе бележи 10 години од своето работење на македонскиот осигурителен пазар. За нас тоа е посебна година од аспект на први позначителни исплати на осигурени суми кон Осигурениците кои пред 10 години ни ја дадоа својата доверба. Следната година Компанијата ќе исплати скоро 1 милион евра суми за доживување кон своите први Осигуреници и токму ова сметам дека ќе биде клучно за разбивање на сите недоумици кои нашите граѓани ги имаат како резултат на недоверба кон дел од финансискиот сектор во земјава и посебно кон новите финансиски производи. Очекуваме овие први посериозни исплати да имаат двоен ефект: зголемена доверба во осигурувањето на живот но и зголемена продажба. Во осигурителниот бизнис не постои подобар начин за привлекување на нови осигурници отколку навремено и правично решена штета или исплатена обврска на осигурителот.
Минатата година започнавте и со регионално проширување и отворање на подружници низ Р. Македонија. Какви Ви се плановите за понатамошно проширување?
Вилма Учета Дузлевска: Согласно потребите за регионална присутност и развој Компанијата во 2013 година отвори три регионални подружници во градовите Куманово, Битола и Кавадарци. Анализите покажуваат дека резултатите ја оправдаа оваа инвестиција и ги потврдија нашите очекувања. Одлуката за избор на горенаведените градови беше донесена врз основа на сеопфатни истражувања и анализи за големината на пазарот, потенцијалот на пазарот, реализираните продажни резултати и макроекономската состојба на регионот. Секако дека регионалното проширување ќе продолжи и во наредниот период и во други градови но со заеднички настап со Компанијата за неживотно осигурување, која е присутна во Македонија од 2009 година и која остварува солидни резултати.
Дали и какви нови производи планирате да им понудите на македонските граѓани, кои ви се приоритетите?
Вилма Учета Дузлевска: Иако нашето искуство покажува дека во листата на приоритети на нашите граѓани кои влијаат на изборот на осигурителна компанија со која ќе одлучат да склучат полиса производот не е на прво место, секогаш се трудиме да понудиме најдобар производ на пазарот кој пред се ќе обезбедува сигурна заштита при настан на осигуренен случај. Кога работиме на креирање на нов производ првото прашање кое секогаш си го поставуваме е кои бенефити ќе ги добие нашиот клиент во однос на останатата понуда на пазарот. И тука секогаш се трудиме да го дадеме максимумот, а притоа да не ги загрозиме основните постулати на здраво деловно работење на Компанијата.
Понудата на производи е, пред се, адаптирана на условите на македонскиот осигурителен пазар и преференциите на граѓаните. Во најголем дел тоа се производи кои ги нуди нашата матична куќа, Croatia Osiguranje d.d. Загреб, но прилагодени на потребите на македонските граѓани. Покрај ценовната прифатливост, будно го следиме пазарот, очекувањата и потребите и адекватно одговараме со разновидна понуда на производи.
Во 2014 година започнавме со продажба на долгонајавуваниот производ Cro Link, линкуван производ кој ги спои бенефициите на нашата компанија и Стопанска Банка а.д. Скопје. Во првиот квартал од годинава понудивме нов производ за детско штедно осигурување со потребна пристапна старост од 1 месец па се до 13 годишна возраст. Овој производ освен што е креиран да обезбеди почетен капитал за секој млад човек во годините кога ќе може самостојно да одлучува, има и дополнителни бенефити: Кроациа Осигурување – Живот ја превзема обврската за плаќање на премија и исплата на договорената осигурена сума по истекот на договореното траење на осигурувањето доколку настапи смрт на Договорувачот на осигурувањето, наградна исплата на 3% осигурена сума за завршено средно образование со одличен успех, вредносен ваучер при почеток на осигурувањето, можност за наградно патување во Дизниленд и пристапност во нашиот Клуб на лојалност.
Во овие летни месеци стартуваше и летниот бран изненадувања кон нашите осигуреници. Со ново случените полиси за осигурување на живот следува и годишно патничко осигурување во летните месеци кога нашите осигурници најчесто патуваат на годишен одмор.
За крајот на годината најавувам нов производ, „Сигурна иднина“ кој е креиран со ниско прилагодена премија да обезбеди доволно парични средства за сите ризици кои го демнеат последното животно доба.
Неодамна една од главните бизнис информации во регионот беше онаа дека нов сопственик на „Кроација осигурување“ станува хрватската „Адрис група“ од Ровињ. Конкуренти беа чешката ПЗУ и словенечката „Триглав осигурување“. Дали сметате дека „Кроација осигурување“ доби квалитетен стратешки партнер и нов сопственик?
Вилма Учета Дузлевска: Адрис Група, претставува вистински гигант на пазарот во Хрватска. Станува збор за една од најмоќните хрватски компании, која сега со откупување на 39,05% од редовните акциите на Croatia Osigurаnje е на сигурен пат да стане дел од топ 5 команиите на овие простори. Адрис Група се покажа како веродостоен и најуспешен хрватски инвеститор. Пораките на нашиот нов акционер, кој може деновиве да ги забележиме, се дека со превземањето на Croatia Osigurаnje не се исцрпени инвестиционите можности на Групацијата Адрис. За Croatia Osigurаnje претстои сериозен иден развој и уберена сум дека компанијата ќе остане регионален осигурителен лидер.
Сметате ли дека беше постигната добра цена во приватизацијата на најголемата хрватска осигурителна компанија?
Вилма Учета Дузлевска: Хрватската влада ја прифати понудата на Адрис група за купување на мнозинскиот удел во најголемата регионална осигурителна компанија. За 39,05 % од редовните акции беа понудени нешто повеќе од 120 милиони евра, односно 970,45 евра по акција. Дополнително, Адрис група понуди и докапитализација од 110 милиони евра, со што ја потврди својата спремност пред останатите понудувачи во постапката , за понатамошно регионално ширење на Компанијата но и зајакнување на позициите на Компаниите кои веќе постојат во групацијата на Croatia Osigurаnje, присутни на пет пазари во регионот. Со завршување на докапитализацијата Адрис група ќе поседува 60% од сопственоста на Компанијата наспроти 28% кои ќе останат во рацете на хрватската Влада.
Наспроти понудата од 230 милиони на Адрис група, понудата на полски ПЗУ изнесуваше 108 милиони евра за 43% од редовните акции и докапитализација од 51 милион евра, што јасно говори дека беше постигната одлична цена. Второрангираниот понудувач понуди дури 70 милиони евра помала понуда во постапката. Проценетата вредност на Croatia Osigurаnje се движеше помеѓу 180 и 230 милиони евра, а со понудата на Адрис таа ја достигна максималната проценета вредност.