Изминатите неколку години пазарот за животно осигурување во Република Македонија рапидно се развива и се зголемува. Премијата за животно осигурување континуирано бележи двоцифрени стапки на раст уште од 2007 година.
Перманентниот раст на премијата во животното осигурување зборува дека македонскиот граѓанин се повеќе ја согледува корисноста на полисата за животно осигурување.
Фактор кој значително влијаеше на развојот на животното осигурување во изминатите години е основањето и поставената регулатива од страна на Агенцијата за супервизија на осигурување која даде правилни насоки и постави добро контролирана регулација која допринесе за сигурност и пораст на довербата во работењето на осгурителните компании.
Во 2013 година осигурителниот пазар бележи пораст од 2.6% во вкупно полисираната премија, споредено со 2012. Осигурувањето на живот бележи раст во вкупно полисираната премија споредено со 2012 година од 131,325,000 денари, односно раст од 22%. Како одраз на ова зголемување, зголемен е и уделот во вкупно полисираната премија од 1.61% и учествува во полисираната премија со 10.14%.
Културолошкиот пристап на населението и штедните навики се еден од клучните фактори кои ја детерминираат продажбата за животно осигурување. Со заздравувањето на макроекономските показатели неизбежно е да се очекува дека животните осигурувања ќе ја превземат водечката позиција во вкупната премија од осигурувањето.
Во 2013 година БПП за животно осигурување на пазарот во Р.Македонија изнесува 729.459.000,00 денари од кои 316.445.000,00 денари претставуваат БПП на друштвото со доминентен удел - Кроациа Осигурување Живот.
„Како лидер на пазарот за животно осигурување примарно сме фокусирани кон пораст на културата за животно осигурување, намалување на моменталните недостатоци во информираноста на граѓаните, како и промена на навиките за штедење и инвестирање во животно осигурување. Очекуваме пазарот за животно осигурување рапидно да се развива и во наредниот период, бидејќи граѓаните се повеќе се запознаваат со придобивките што ги нуди ова осигурување“ - велат од водечката компанија.
Со брзиот развој на пазарното општество, се развива и свеста за потребата за планирано штедење. Ако се земе во предвид дека домашната економија полека дава сигнали на закрепнување од финансиската и економската криза, тогаш неизбежни се очекувањата за уште поуспешни години и вртоглаво растење на животното осигурување во следнава деценија.