Компанијата Кроациа Осигурување донираше сензорна соба во Основното училиште „Лазо Ангеловски“ во населба Аеродром во Скопје, која што во текот на денешниот ден беше пуштена во употреба. Општествената одговорност и инклузија, делувањето за потребите на заедницата и поддршката за најранливите категории се едни од основните принципи на работењето на Кроациа Осигурување. Кроациа неколку години реализира донации наменети за потреби на децата со донација на сензорната соба дава свој придонес за создавање услови за соодветен развој и безгрижно детство.
ОУ „Лазо Ангеловски“, кое воедно е и најголемо училиште во општина Аеродром и во Македонија пред извесен период стана целосно инклузивно и достапно за сите ученици. Откако во изминатиот период училиштето доби инклузивни тоалети, а беа поставени пристапни рампи, знаци, како и пристапен лифт за учениците со попреченост, со најновата инвестиција овозможена од Кроациа Осигурување, ќе биде изведена и целосно нова сензорна соба.
Сензорната соба претставува инструмент и алатка во рацете на стручните работници, што ќе овозможи индивидуален третман на деца со нарушување на спектарот на аутизам, Даунов синдром, церебрална парализа, епилепсија, ADHD, говорни нарушувања, нарушувања во учењето, нарушувања во однесувањето, последици од различни трауми и др. Експертите преку соодветна обука можат да одговорат на потребите на децата, кои пак, благодарение на оваа соба, ќе ги развиваат своите сензорни способности. Затоа, помагањето на проекти од овој тип се од особена важност за правилна и навремена инклузија на децата со посебни потреби како рамноправни учесници и градители на едно општество.