„Зад нас е една специфична, полна со предизвици, но успешна година. Во 2020-та постигнавме извонредни резултати преку кои ќе се зголеми вредноста на капиталот на 170% над потребното законско ниво. Ова за клиентите значи гаранција за долгорочна сигурност. Остануваме фокусирани на подобрување на понудата, дигитализацијата останува приоритет во развојните проекти за оваа година. Наскоро ќе понудиме нова дигитална услуга, која ќе биде првпат достапна на македонскиот пазар. Со сево ова секако дека очекуваме да го задржиме водечкото место на пазарот користејќи ги главните предности што ги имаме, услугата кон нашите клиенти, сигурноста, финансиската стабилност. “
Животното осигурување како релативно нова категорија на осигурителен продукт со 15-тина години развој во земјава, бележеше исклучително високи стапки на раст со години наназад, што е и разбирливо, со оглед на огромниот простор што стоеше „неистапкан“ на македонскиот пазар. Со тек на време, оваа класа на незадолжително осигурување го зголеми значително својот удел во вкупното осигурителна премија во државата, на околу 17%, но како што вели директорката на Кроациа Осигурување Живот, Маја Станковска – Костова, простор за раст сè уште постои, особено ако се споредиме со ситуацијата во земји од регионов, како Хрватска или Словенија, каде што овој удел е 25% и 29% респективно.
Пандемијата во 2020 години донесе предизвици за речиси сите бизнис сектори во економијата, па поштедено не остана ниту осигурувањето. Со Станковска – Костова разговаравме за тоа како Кроациа Живот, инаку првата осигурителна компанија за животно осигурување во Македонија, се справи со „новата нормалност“, каква стратегија направи за работа во новото окружување, што ново понуди за своите клиенти во согласност со зголемената потреба за сигурност во кризнава состојба и какви се плановите за понатамошен раст и развој.
Со какви резултати Кроациа Осигурување Живот ја заврши минатата година со оглед на тешките околности поради пандемијата?
Зад нас е една специфична, полна со предизвици, но успешна година. Минатата година постигнавме извонредни резултати преку кои ќе се зголеми вредноста на капиталот на 170% над потребното законско ниво. Ова за клиентите значи гаранција за долгорочна сигурност.
Граѓаните на Македонија ја препознаваат сигурноста на Кроациа и во нас имаат стабилен и долгорочен партнер. Бројките говорат за себе: имаме доверба од апсолутно најголем дел од населението што донело одлука да склучи полиса, што се потврдува преку лидерската позиција во 2020 година со 38% пазарно учество според премија.
Зад нас е година од која многу научивме. Во услови на неизвесност и ограничувања покажавме дека можеме брзо да се приспособиме на потребите и на условите за работа. Клучните цели што си ги поставивме по почетокот на здравствената криза беа да се обезбедат услови за заштита на здравјето на вработените и на клиентите, да обезбедиме стабилност на функциите и, без оглед на сè, да одговориме на потребите на клиентите. Изминатата, 2020 година, ја обележаа голем број реализирани проекти во делот на дигитализацијата, развојот на нови производи, поедноставени и подобрени работни процеси и надминување на планот за реализирана добивка. Клучот за успехот сметам дека се посветеноста, тимската работа и неизмерното залагање на секој вработен во Кроациа и, од друга страна, довербата што секојдневно ја добиваме од нашите осигуреници.
Дали здравствената криза на некој начин ја зголеми несигурноста кај луѓето, но од друга страна и свесноста за потребата од безбедност преку животното осигурување? Како се одрази сето тоа врз резултатите на Кроациа – живот?
Наша задача е постојано да работиме на едукацијата на граѓаните за потребата од животно осигурување. Кризата направи луѓето да бараат сигурност, а Кроациа осигурување, како лидер на пазарот, со својата традиција и знаење е секако најдобар избор во време на несигурност. Осигурувањето на живот е во класите доброволно осигурување, па на почетокот на кризата беше очекувано воздржувањето од купување полиси за животно осигурување. За многу краток период несигурноста кај луѓето и соочувањето со животот како непредвидливо патување ја поттикна потребата од итност за лична заштита и заштита на најблиските.
Многу лица ја препознаа полисата за осигурување на животот како еден од начините за обезбедување сигурност. Ние внимателно ги следиме потребите на осигурениците и одговоривме со соодветни решенија. Во 2020 година понудивме дополнување на осигурителното покритие од ризици како што се: операции, траен инвалидитет, повисоки осигурени суми во случај на несакани последици, како и дополнување на понудата со голем број опции за осигурување на животот и инвестирање за осигурениците што преферираат да преземат ризик и да остварат повисоки приноси.
Се гордееме што во услови на криза и при ограничено движење нашата интерна мрежа оствари највисока премија досега – раст од 20% во однос на минатата година.
Какви се вашите очекувања и прогнози за оваа година? Какви цели си поставивте за развој на компанијата?
Веќе цела година функционираме во целосно изменето окружување, доволен период да се приспособиме и да научиме да функционираме според нови правила. Оваа година очекувам постепена стабилизација на пазарот, заздравување на економијата и подобри резултати во однос на минатата година. Остануваме фокусирани на подобрување на понудата, дигитализацијата останува приоритет во развојните проекти за оваа година. Секако, иновативноста е составен дел од нашето секојдневно работење. Позитивните промени носат нови предизвици, но и нè движат кон нови успеси. Наскоро ќе понудиме нова дигитална услуга, која ќе биде првпат достапна на македонскиот пазар. Со сево ова секако дека очекуваме да го задржиме водечкото место на пазарот користејќи ги главните предности што ги имаме, услугата кон нашите клиенти, сигурноста, финансиската стабилност.
Животното осигурување имаше континуирано двоцифрен раст во изминативе десетина години, но каква е сега ситуацијата? Уште колкав простор постои во македонското општество за овој тип осигурување ако се споредиме со земјите од регионот со слична или со нешто подобра економска состојба?
Животното осигурување на нашиот пазар е застапено релативно кратко. Официјално почнува да се развива од 2005 година, со основање на Кроациа Осигурување Живот. Во услови на неразвиен пазар на животно осигурување, континуирано бележеше брз, двоцифрен раст во изминатите години. Како резултат на КОВИД кризата во 2020 година пазарот на животното осигурување има пад од 5%.
Пазарот на животното осигурување е во развој и сè уште имаме многу потенцијал за раст и развој, што може да се потврди при споредба со состојбата во регионот. Кај нас животното осигурување учествува само со 17% во вкупната премија на осигурителниот пазар, како за споредба во Хрватска учеството на животното осигурување е 25%, а во Словенија 29%.
Дали се надмина перцепцијата кај македонските граѓани дека животното осигурување е луксуз за просечниот човек, привилегија за поимотните луѓе и сл.?
Сите финансиски советници го препорачуваат животното осигурување како основна потреба. Тоа придонесува за мир дека твоите блиски ќе бидат финансиски згрижени ако се случат некои немили настани и обезбедува план за остварување на идните цели и планови.
Имаме пакети што можат да ги покријат потребите и можностите на широк спектар клиенти. Има едно правило, колку ти се поограничени средствата, толку повеќе мора да се придржуваш до буџетирањето. Речиси сите финансиски експерти го ставаат животното осигурување како приоритет за финансиска стабилност. Добар дел од македонските граѓани уште не се опфатени со западниот консумеризам. Ние уште мислиме на иднината на нашите деца, на внуците и штедиме за нив наместо да трошиме сè за тековните потреби. Македонците знаат да живеат под своите можности, а за да ја обезбедат иднината на своите деца. Тоа е една доблест што ја имаат релативно конзервативните општества како нашето.
Затоа наша задача и одговорност се да ги едуцираме граѓаните за опцијата што ја имаат со инвестирање во сигурноста за себе и за нивните најмили преку животното осигурување.
Колку, пак, деловните субјекти го користат животното осигурување како бонус пакет за своите менаџери или вработени, имате ли често такви примери за уплатување полиси од страна на компаниите за своите вработени?
Не треба многу анализа за да се констатира дека најбитниот капитал на една компанија се информациите и човечките ресурси. Покрај тоа што сте постојано во лов по нови кадри и развој на постојните, најважно е да ги задржите квалитетните луѓе што се веќе во вашата фирма. Флуктуацијата во работната сила е присутна речиси во сите индустрии. Најуспешните компании имаат план како да ги задржат своите вработени. Неодамна читав како сопственик на огромен синџир маркети успевал од просечни индивидуалци да направи натпросечно успешен тим. Една од тајните е задржување на клучните работници.
Животното осигурување е еден од наједноставните начини да се мотивираат вработените да останат во компанијата. Секој вработен брзо се задоволува од износот на надоместокот за неговиот труд и постојано бара дополнителен мотиватор – безбедноста на неговиот живот е мотиватор кој трајно следи и охрабрува. Од скоро имаме и даночни олеснувања во тој поглед, што го прави животното осигурување уште поатрактивно. Компаниите сè почесто ги препознаваат можноста и предноста за интегрирање на полисата за осигурување на животот како алатка за мотивирање и наградување на клучните и лојални кадри.
Животното осигурување поврзано со инвестициската компонента станува популарно и во земјава во последниве години. Каква е позицијата на Кроациа во овој дел, колкав дел од портфолиото веќе зафаќаат овие продукти?
Производите за осигурување на животот со инвестициска компонента се присутни неколку години на нашиот пазар и е застапен тренд и на поразвиените пазари. Континуираниот тренд на пад на стапките на приносите од вложувањата придонесува да се намали атрактивноста на класичното животно осигурување како начин на штедење. Следејќи ја потребата на пазарот, понудивме UNIТ Link производи, кои вклучуваат осигурување на животот и инвестирање во инвестициски фонд, производи со кои клиентите имаат можност да остварат повисоки потенцијални приноси преземајќи го ризикот од инвестирање. Создадовме широка палета на UNIТ Link производи, целосно флексибилни на потребите на клиентите во соработка со Друштвата за управување со инвестициските фондови.
Во нашето портфолио сè уште доминантно учество имаат класичните производи. Во 2020 година премијата од UNIТ Link производите учествува со околу 10% од вкупната премија.
Какви други дополнителни продукти во животното осигурување нудите за своите клиенти? Колкав простор за иновативност постои во оваа сфера на осигурувањето?
Континуирано ги следиме потребите и трендовите на пазарот на осигурувањето. Барањата и информациите што ги добиваме од клиентите ни се најдобар извор на податоци какво осигурително покритие треба да понудиме. Работиме на пазар кој е во развој, има многу можности за иновативност и воведување нови производи, но сепак се потребни големо внимание и анализа за да се лансира производ што успешно ќе биде прифатен од пазарот. Имаме широка понуда производи за животно осигурување во насока на задоволување на различните потреби на осигурениците. Ќе истакнам само дел од производите што ги нудиме: индивидуално осигурување, кое е најзастапен производ во нашето портфолио, производ што ги содржи компонентите на осигурување и штедење со гарантирани договорени износи.
Детското штедно осигурување е особено атрактивен производ преку кој, освен што создаваме капитал за најмилите наменет за студирање, почнување самостоен живот и слично, а преку дополнителните бенефити обезбедуваме дополнителна сигурност за децата. „Ризико осигурувањето“ е производ што сметам дека е задолжителен за секое кредитно задолжено лице по која било основа, кредити, кредитни картички и слично. Производот е ценовно достапен, со ниска премија се обезбедува висока заштита во случај на несакани последици по осигуреникот. И корпоративното ризико осигурување, коешто го воведовме на крајот на 2020 година како нов производ наменет за компаниите, колективно ризико осигурување со што овозможивме поголема достапност на животното осигурување и можност компаниите да го заштитат највредниот ресурс, човечкиот капитал.
Колку е навлезена дигитализацијата во компаниското работење, односно кои се најочигледните примери каде што современите ИТ алатки придонесуваат за динамизирање на продажбата, за грижа за корисниците итн.?
Кризата предизвикана од КОВИД и ограниченоста во движењето многу брзо наметнаа потреба и го забрзаа процесот на дигитализација. Современите ИТ алатки се применливи во секој домен на работењето почнувајќи од интерните процеси, од комуникацијата со клиентите, продажба, следење и одговарање на потребите на осигурениците. Осигурениците веќе имаат можност за следење на состојбата на полисите преку апликација My Cro Account, продажните канали имаат можност за користење апликација за изработка на понуди и креирање документи за склучување договори за осигурување.
Кроациа интензивно работи и ќе работи на воведување дигитализација во сите домени од работењето.
Како „човек однатре“ во компанијата, којшто ја презеде челната позиција по долгогодишното искуство во неа, одлично го знаете секторот, па како ќе го оцените степенот на развојот на осигурителниот бизнис во Македонија генерално? Кои се најголемите слабости на кои треба уште да се работи, кои се најголемите предизвици?
Пазарот на осигурувањето е во развој со позитивен тренд на раст секоја година. За степенот на развој на осигурителниот сектор говорат податоците за премија на осигурителниот пазар, како и структурата по класи на осигурувањето. Задолжителните осигурувања имаат големо учество во вкупната премија на осигурителниот пазар, што укажува на тоа дека треба интензивно да се продолжи да се работи на едукација и информирање. Сметам дека има позитивни поместувања од аспект на нивото на финансиската писменост во земјава, што се потврдува со континуираниот раст на премијата од незадолжителните класи осигурување, меѓу кои и осигурувањето на животот. Финансиската писменост е суштинска при носењето одлуки за индивидуалната благосостојба, одговорноста во општеството, економскиот раст. Осигурувањето, како дел од финансискиот сектор, има основна функција да ги штити имотот и животот. Клучно е да се зголеми транспарентноста и да се имплементира ЕУ регулативата со цел зголемување на сигурноста и довербата во осигурителниот сектор.
Како менаџер, но, пред се’, како човек соочен со „новото нормално“ на пост-пандемичната реалност, како влијаеше сево ова врз вашата менаџерска рутина, врз принципите на раководењето, односите со вработените? Што се промени, што остана исто?
Јас сум одушевена од посветеноста на нашиот тим, од нивната одговорност кон клиентите и кон фирмата. Кризата дополнително нè зближи да работиме понапорно и посветено, што резултираше со одлични резултати за компанијата.
Челикот под притисок се создава, а ние направивме еден компактен тим, кој функционира како едно големо среќно семејство!