Croatia osiguranje

Интервју Столе Митревски, Извршен директор за продажба-Атрактивноста на животното осигурување допрва ќе се зголемува

Објавено на: 16/04/2019

Со даночните измени од годинава новина е што не подлежи на оданочување со данок на личен доход уплатената премија за животно осигурување, за вработени лица во висина до две просечни месечни бруто‐плати во Северна Македонија, објаснува во разговор за Фактор, Столе Митревски Извршен директор за продажба од Кроациа осигурување Живот. Митревски вели дека во услови на постојан пад на каматите на штедењето продуктите кои ги нудат се алтернатива за штедењето, затоа што имаат штедна компонента. Економски, минатата година беше година на стабилизација, а БДП порасна за 2,7 проценти на годишно ниво. По политичките турбуленции има најава и за одблокирање на процесите.

Ако се анализираат бројките, 2018 година е најдобра година за Кроациа осигурување живот. Каков резултат постигнавте?

Митревски: Случувањата и турбуленциите на политичката сцена изминатите години неминовно се одразија и во бизнис сегментот.  Несигурноста и неизвесноста имаше рефлексија во сите сфери на живеењето, која секако го успоруваше потенцијалот  и понатамошниот развој на стопанството. Но, морам да истакнам дека и покрај тоа Кроациа Осигурување - Живот одлично ги поднесе сите тие непредвидливи случувања. Секако е показател фактот што и покрај сите неизвесности , успеа да одржи стабилен раст и развој и да остварува позитивни финансиски резултати во сите изминати години наназад низ еден органиски раст со кој прерасна во вистински лидер на пазарот за животно осигурување. Во 2018 година компанијата оствари раст на премјата од 23,9 отстокој е над порастот на пазарот од 15,5 проценти. Апсолутниот раст на премијата е  поголем од сите останати друштва за животно осигурување заедно, што ја прави 2018 година историска година по остварени добри резултати.  Дури 74,2 проценти од продадените полиси за животно осигурување во 2018 година се издадени од нашата компанија, што јасно ја покажува нашата водечка позиција на пазарот.

Од тој аспект со каква стратегија влеговте во оваа година?

Митревски: Кроациа Осигурување – Живот се издвои како компанија која за македонските граѓани претставува синоним за сигурност и квалитет, со 20 дена просечно време на исплата на штети од пријава до исплата. Тоа е примарен фокус на нашата компанија и за оваа година. Ние и понатаму ќе се трудиме да ја јакнеме оваа позиција, преку постојано воведување на иновации, нови производи, супериорен систем за грижа на корисници и праведен и брз систем за решавање на штети, продолжување на одличната соработка со брокерските друштва и инвестициските фондови во Северна Македонија, и секако како многу значаен сегмент продолжување и продлабочување на соработката со банкарскиот сектор (банко осигурувањето) во процесот на осигурување на корисниците на кредит. Ние сме исклучително горди на својата продажна мрежа, во која се посветува многу труд и енергија, со цел градење на професионалци кои на нашите клиенти ќе им помогнат да ги одберат вистинските производи согласно нивните потреби.  Во рамките на Кроациа Осигурување- Живот функционира Кроација академија која има за цел постојано да ги едуцира нашите продажни кадри и секако надворешните соработници и застапници.

Во последните години значаен е растот и на премијата за животно осигурување, а Кроациа осигурување- Живот е лидер на пазарот. Како гледате на овој сегмент и кои се вашите очекувања ако се базираат на околностите дома и трендовите во регионот?

Митревски: Кроациа Осигурување-Живот во 2018 година оствари раст на приходите од осигурување од 23,9 проценти, со реализирана бруто полисирана премија од 12,5 милиони евра и остварувајќи доминантен пазарен удел од 46,2 отсто. Сите проекции и очекувања упатуваат на тоа дека динамиката на двоцифрен раст на осигурителниот пазарво доменот на осигурување на живот ќе продолжи и во 2019 година.  Активното вклучување на банките како алтернативен продажен канал за производите за животно осигурување  и нивно поврзување со банкарските производи е еден од предизвиците на развојот на осигурувањето на живот. Значаен фактор за долгорочна перспектива за развојот на овој сегмент претствува фискалната стабилност на државата, како и зголеменото ниво на финансиска едукација на граѓаните на Северна Македонија.  Очекувањата се дека во иднина, со стабилизирање на политичките случувања,  отварањето на патот кон евроатлантските интеграции, како и подобрување на макроекономските показатели, осигурувањето на живот би требало да ја  преземе водечката позиција во вкупната премија за осигурување. Исто така, полека, но сигурно се развива свеста кај населението од потребата од осигурување на живот, како и потребата од планирани заштеди во услови кога каматните стапки на депозитите  во банките се многу ниски и имаат тренд на понатамошно опаѓање.

Има ли простор за зголемување на премијата, но кои граѓани се осигуруваат, колкава е премијата по осигуреник?

Митревски: Наши клиенти се сите граѓани кои се свесни за ризикот на денешното брзо живеење и оние кои сакаат да го заштитат своето семејство и најблиските. Расте бројот и на одговорни компании кои сакаат да ги заштитат и задржат своите вработени. Нашите производи се дизајнирани за да одговорат на различните потреби на секој граѓанин. Премијата секако се одредува индивидуално  во зависност од сопствените финансиски можности но таа не може да биде пониска од 180 евра на годишно ниво или пак 980 денари на месечно ниво.

Какви продукти нудите, на што се фокусирате во моментов?

Митревски: Производите за осигурување на живот што ние како компанија ги нудиме се разновидни и наменети за различни целни групи. Меѓу нив, индивидуално осигурување на живот, Коко- детско штедно осигурување, Ексклузив осигурување на живот, Менаџерско осигурување на живот, Колективно осигурување на живот, Ризико Плус осигурување, Круг на живот, Кажи Да, Мое образование и други. Производите што ги нудиме постојано се модифицираат, но и се воведуваат нови согласно барањата и потребите на пазарот на осигурување. Ние секогаш нудиме иновативни решенија и производи, со цел да се задоволат потребите на секој наш тековен и потенцијален клиент, бидејќи секогаш наш примарен фокус е задоволен клиент.

Кои новитети планирани за 2019?

Митревски: Фокус во 2019 на Кроациа Осигуривање - Живот ќе биде понатамошен раст и развој на компанијата и задржување и зајакнување на лидерската позиција преку развој на нови и модифицирање на постоечките производи, креирање на нови ИТ решенија и имплементација на повеќе проекти кои се дефинирани во деловниот план за 2019 година.

За животното осигурување - кои се опциите за даночното ослободување?

Митревски: За разлика од претходниот Закон за данок на добивка кој важеше до 31 декември 2018 година, каде платените премии за животно осигурување во целост преставуваа непризнаени расходи, согласно новите измени во Законот за данок на добивка со примена од 1 јануари 2019 година, трошоците по основ на уплатени премии за животно осигурување се признаени  за данок на добивка до износот од две просечни месечни бруто плати, исплатени во претходната година во Република Северна Македонија, на годишно ниво по вработен. Оваа измена е во корелација и со новините во Законот за данок на личен доход, според кои не подлежи на оданочување со данок на личен доход уплатената премија за животно осигурување за една календарска година, за вработени лица во висина до две просечни месечни бруто‐плати во Република Северна Македонија, објавени во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика.

Покрај осигурувањето, животното осигурување обезбедува и еден вид заштеда. Каматите на депозитите во банките, од друга страна се ниски. Која е суштината на ова осигурување и разликите од другите типови на осигурување и заштеди? Кои се предностите?

Митревски:  Како што споменав и претходно, каматните стапки на депозитите  во банките се многу ниски и имаат тренд на понатамошно опаѓање, со што неминовно се наметнува прашањето кон изнаоѓање на алтернативни канали на инвестирање на средствата во производи кои ќе носат повисоки приноси. Тука, секако мора да го спомнам осигурувањето на живот кое во себе содржи  штедна компонента што носи и повисоки приноси на средствата на осигуреникот. Со ова, нашите клиентите добиваат WIN-WIN решение и со еден производ постигнуваат двојна цел, осигурување на живот и заштеда со повисоки приноси.

По што се разликувате вие од конкуренцијата?

Митревски:  Кроациа Осигурување - Животе прва компанија во Република Северна Македонија со добиена дозвола од Министерство за финансии за продажба на полиси за животно осигурување, Лидер на пазарот за животно осигурување во земјата со 46 проценти удел; Прва финансиска институција која поседува Меѓународен сертификат за воспоставен систем на управување согласно стандард за квалитет ISO 9001:2015 и Меѓународен сертификат за воспоставен систем на задоволство на корисниците и процес на управување со поплаки согласно стандардот ISO 10002:2014; Референтна листа од 40 компании од најдобрите 200 компании во земјата;

Брендот кој го носиме е добро препознатлив повеќе од 130 години, што претставува обврска за постојана инвестиција во квалитетот на производите и услугите, но исто така и во квалитетот на работењето, со цел сигурност на Осигурениците и нивните најблиски. Постојано ја подобруваме организацијата воведувајќи технолошки иновации, развој на знаење, вештини и висок квалитет на сите програми за осигурување кои ги нудиме.

A.T.

Фото: Вангел Тануровски