Компанијата успеала да реализира 52 отсто од сите нови полиси за животно осигурување минатата година, а држи 42 отсто од целиот пазар на животно осигурување во конкурекција на уште три компании.
„Кроациа Осигурување - Живот АД Скопје“ во 2016 година продала половина од сите нови полиси за животно осигурување и со тоа остварила убедливо водсто пред трите конкурентски компании, покажуваат официјалните резултати од бизнисот со животно осигурување за 2016 година. Минатата година „Кроациа Осигурување Живот“ успеала да обезбеди раст на приходите од осигурување во износ од 8,99 милиони евра и компанијата остварила пазарен удел од 42 отсто на македонскиот пазар на осигурување на живот.
„Кроациа Осигурување Живот“ минатата година остварила приходи во износ од 621,4 милиони денари од кои нето приходи од премија се 550,2 милиони денари. Минатата година приходите од вложувања се 70,3 милиони денари. Приходите од камати на своите вложувања минатата година изнесуваат 64,83 милиони денари.
На расходната страна компанијата книжи минатата година вкупно 596,77 милиони денари. Износот за бруто исплатени штети минатата година е 110,5 милиони денари. Промените во бруто математичката резерва се на износ од 325 милиони денари што е за 53 милиони денари повеќе од 2015 година, а трошокот за стекнување е 105 ,2 милиони денари и е незначително понизок од претходната година. Административните трошоци се за ниво од 44,5 милиони денари од кои најголема ставка се трошоците за вработените кои изнесуваат 17,34 милиони денари. Трошоците за вложувања се најмала ставка и изнесуваат 6,5 милиони денари.
Вложувањата на „Кроациа осигурување живот“ стигнаа до 27,5 милиони евра
Вложувањата на компанијата минатата година пораснаа за повеќе од 5 милиони евра и на крајот на годината беа на ниво од 1,695 милијарди денари. Во структурата на вложувањата на компанијата, кои се резултат на уплатите на осигурениците на полиси, доминантни се должничките хартии од вредност со рок на достасување над една година (државни хартии од вредност издадени од Министерството за финансии) кои изнесуваат околу 1,33 милијарди денари на крајот на 2016 година. Втора по големина е ставката депозити и заеми која на крајот на ланската година достигна 338,27 милиони денари и е поголема за 110 милиони денари од 2015 година. Од тоа депозити се 306 милиони денари, а останатото се заеми. Во акции и удели на инвестициски фондови вложувањата се 29 милиони денари и се за 20 милиони денари пониски од 2015 година. Побарувањата се на ниво од 75 милиони денари, а останатите побарувања на ниво од 41,2 милиони денари.
Нето добивката од работењето на друштвото минатата година е 20,9 милиони денари.
„Кроациа Осигурување Живот“ минатата година имала вкупен број на вработени 51 лице. Компанијата е специјализирана за осигурување живот прва од таков тип на нашиот пазар основана во август 2004 година, а работи од април 2005 година.